недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Италија и Полска во финалето на Европското првенство во одбојка

Италија и Полска во финалето на Европското првенство во одбојка

Италија и Полска ќе се борат за златниот медал на ЕП.Во вечерашните полуфинални средби Италијанците и Полјаците ги совладаа Франција, односно Словенија.

Домаќинот на завршните мечеви, Италија, без да загуби сет ја надигра Франција во „Палацето дело спорт“, во Рим. Најнеизвесен беше само третиот сет, кој го доби со 25-23, откако првиот и вториот ги заврши со 25-21 и 25-19.

Претходно, Полјаците загубија еден сет од европскиот вицешампион од последните две првенства, Словенија. Словенците го добија воведниот со 25-23, но фаворитот потоа притисна и го сврти мечот со 25-21, 25-20 и 25-21. Финалето се игра исто така во Рим, в недела во 21 часот, а мечот за бронза меѓу Франција и Словенија истиот ден од 17.30 часот.

Италија е актуелен светски и европски првак, а ќе игра за осмото злато. Полска досега само во 2009 година стигна до континенталниот трофеј, а финале играла уште пет пати и тоа на пет првенства едноподруго, од 1975 до 1983 година.