Одбојкарската репрезентација на Македонија победи во „малото финале“ против Унгарија со 3-2 во сетови (25-22, 18-25, 25-15, 19-25, 15-7) и го освои третото место на Ф4-турнирот во Сребрената европска лига.
„Спартанците“ одиграа натпревар кој беше доста мачен на психолошки план и траеше повеќе од два часа.
Најдобрата игра на мечот нашите одбојкари ја покажаа прво во првиот сет, кога од 21-20 заминаа на 24-20 и ја искористија третата сет-топка.
Откако го загубија вториот сет, следеше одличен трет сет во кој на противникот му се дозволи да освои само 15 поени.
Во четвртиот сет, Унгарците изедначија на 2-2 откако ја имаа во целост контролата на играта, но во петтиот, како да загубија сила, па Македонија од 10-6 замина на 14-6 и го реши натпреварот.
Никола Ѓорѓиев повторно беше лидер на Македонија, овој пат реализира 27 поени, а го следеше Стојан Илиев кој на натпреварот имаше 17 поени. Кај Унгарците, Марсел Пешти постигна 21 поен.