Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер го доби последниот натпревар од вчерашната програма против Доминик Кепфер и се пласираше во осминафиналето на Роланд Гарос.
Швајцарецот мораше да игра три часа и 40 минути против ривалот од Германија, во четири сета (3-1) играа дури три тај-брејка .
Во воведниот сегмент двајцата тенисери беа безгрешни на свој сервис и по 6-6, Федерер го доби тај-брејкот со 7-5. Вториот сет тргна со брејк на Швајцарецот, ама потоа и Федерер и Кепфер губеа гемови на свој сервис. Германецот одигра одлично во доигрувањето, му дозволи на Федерер да освои само еден поен на свој сервис и три вкупно, па со 7-3 израмни на 1-1.
Третиот сет тргна со загубен сервис на Федерер, ама ветеранот се врати и со добар тај-брејк го доби за предност од 2-1. Завршниот сегмент од натпреварот беше и единствен во кој не се играше по планираните гемови, со по еден брејк на стартот и еден на Федерер во финишот, сетот заврши со 7-5 за конечно швајцарско славје.
Федерер во наредната рунда ќе се пресмета со Матео Беретини кој ќе биде најсериозен тест во досегашниот дел од турнирот, а доколку го помине во наредната фаза ќе се сретне со Новак Ѓоковиќ.