Светската автомобилска федерација (ФИА), конечно, го усвои календарот за наредната натпреварувачка сезона во Формула 1. Наместо досегашните три, ќе има шест тркачки викенди во спринтерски формат.
– Со задоволство можам да потврдам дека од 2023 година ќе има шест спринта во сезона. Новиот формат успешно ја помина воведната фаза на имплементација во шампионатот 2021 година. Спринт-трките им обезбедуваат на гледачите возбудувања за време на тридневниот тркачки викенд и секој возач се натпреварува од петок до недела. Реакциите од навивачите, тимовите, промоторите и од партнерите на Формула 1 се позитивни. Поинаквиот формат му дава нова димензија на првенството – истакна извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.