Американската скијачја Микаела Шифрин испиша нови страници на светското скијање и ја забележа 87. победа во кариерата со што ја прави најуспешната во историјата во двете конкуренции – женска и машка.
Денеска победи во слаломот во шведскиот Оре и така го надмина апсолутниот рекорд на легендарниот Ингемар Стенмарк, чиј рекорд Американката го изедначи вчера.
Шифрин беше најдобра во првото возење, а доминацијата ја потврди во втората и на крајот со 92 стотинки предност дојде до победата (1:41.77). Втора заврши Венди Холденер, а трета Ана Свен Ларсон.
Претходно таа го осигура малиот кристален глобус во слаломот што и е седми во кариерата, а исто така го освои и големиот кристален глобус кој и е петти во кариерата.
Што се однесува до бројот на победи и во машка и женска конкуренција, Шифрин е прва со 87, Стенмарк има 86, следува Линдзи Вон со 82 победи, а четврти е Австриецот Марсел Хиршер со 67 победи.