среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Скопје од утре домаќин на Европското првенство во кајак спуст

Скопје од утре домаќин на Европското првенство во кајак спуст

Скопје од утре до петти август ќе биде домаќин на Европското првенство во кајак спуст на диви води за јуниори и за сениори до 23 години.

Натпреварувањето ќе се одржи на реката Треска, кај Матка, а учество ќе земат 250 кајакари од 16 земји.

Македонија ќе има седум натпреварувачи (Александар Златаров, Никола Димов и Виктор Миланов во сениорска и Енис Небиовски, Џингис Небиовски, Мартин Мазнев и Христијан Игнатов во јуниорска конкуренција).

По тој повод Агенцијата за млади и спорт во соработка со Кајакарската федерација на Македонија денеска организираше прес-конференција.

Организаторите истакнаа дека ова ќе биде најбројното Европско првенство во оваа категорија одржано досега и дека организацијата минала во најдобар ред.

– Се надеваме дека со добрата организација на ова Европско првенство во иднина ќе добиеме организација и на некое Светско првенство. Организацијата тече одлично, претставниците на Европска федерација се задоволни од патеката и условите, истакна директорот на организациониот одбор Димче Стефановски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, им посака успех на натпреварувачите и наведе дека овој настан ќе помогне и за подобра промоција на убавините на Македонија. Тој ги повикува граѓаните помасовно да дојдат на Матка и да ги бодрат натпреварувачите.

Натпреварите започнуваат утре во девет часот на Матка.