четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Циципас и тенисерите од грчката репрезентација задоволни што ќе играат на античкиот олимписки стадион „Панатенаик“

Циципас и тенисерите од грчката репрезентација задоволни што ќе играат на античкиот олимписки стадион „Панатенаик“

Задоволство изразија тенисерите од грчката репрезентација, меѓу кои и Стефанос Циципас, за одлуката натпреварите со Словачка во првата група од Дејвис купот да се играат на античкиот олимписки стадион „Панатенаик“, потенцирајќи дека ќе имаат уникатно искуство, јави дописничката на МИА од Атина.

Натпреварите ќе се одржат во текот на викендот, а на историскиот стадион во Атина за првпат ќе се игра тенис.

Денеска беше одржана ждрепката за натпреварите, по што следеше и прес конференција како на селекторите на Грција и Словачка, така и на грчката репрезентација, а тенисерите коментираа дека ќе имаат уникатно искуство да играат на античкиот стадион.

Број пет рекетот во светот Циципас рече дека е задоволен и од теренот и од стадионот по вчерашниот тренинг, истакнувајќи дека е во ист стил како и Австралија Опен.

-Многу е убаво чувство да играш на еден ваков стадион. Имав можност како турист да го посетам пред неколку години и кога бев мал за време на училишни екскурзии, па така, да играм на овој стадион, за мене е нешто многу посебно, рече Циципас.

Се осврна и на актуелната ситуација во Грција, велејќи дека ќе играат за сите оние „кои беа погодени од пожарите и поплавите во изминатите месеци во земјата“ и додаде дека тоа за нив ќе биде дополнителен мотив за да дадат сѐ од себе.

Селекторот на грчката репрезентација Апостолос Циципас побара поддршка од гледачите да дојдат на стадионот да ја бодрат репрезентацијата, бидејќи навивачите се „дополнителна сила за играчите“.

-Како што кажа и Стефанос поминуваме тешки моменти, а во овие тешки моменти особено за Тесалија, важно е да бидеме сите обединети, рече селекторот.

Во текот на викендот ќе се одиграат вкупно пет натпревари, четири сингл и еден во двојки.

Утре, на првиот ден од турнирот ќе играат број еден тенисерите од едната со број два тенисерите од другата репрезентација, натпреварите ќе ги отворат Александрос Скорилас и Алекс Молкан, а пота ќе следи и дуелот меѓу Стефанос Циципас и Лукаш Клеин.

В недела е натпреварот во двојки, а потоа и останатите два сингл натпревари.

На прес конференцијата во Атина присутна беше и девојката на Циципас, шпанската тенисерка Паула Бадоса.  (МИА)