Организаторите на тенискиот турнир во Рим соопштија дека до 2025 година наградниот фонд ќе биде израмнет и во двете конкуренции ќе се подели идентична сума.
Разликата меѓу наградите за победниците кај мажите и жените минатата година беше евидентна. Ига Швјонтек за триумф во женска конкуренција инкасираше 332.260 евра додека шампионот кај мажите Новак Ѓоковиќ доби чек на сума од 836.355 што е скоро тројно повеќе.
“Прв пат во историјата почнавме процес со кој во следниве три години ќе го израмниме наградниот фонд во двете конкуренции. Говориме за сума од осум милиони евра за секој турнир и сметам дека можеме да ја постигнеме оваа цел. Првиот чекор беше првата дама која ја врши функцијата на извршна директорка во една голема банка во Италија, кој ни овозможи пристап до повеќе извори на пари”, изјави претседателот на Тенискиот сојуз на Италија, Анџело Бинаго.
Тенискиот турнир во Рим оваа година ќе се одржи во периодот од 10 до 21 мај и е последно загревање за најдобрите тенисер пред стартот на вториот Гренд слем во сезоната, Отвореното тениско првенство на Франција.