Третиот носител на УС Опен, грчкиот тенисер Стефанос Циципас, обезбеди денеска пласман во третото коло на грен – слем турнирот во Њујорк со победа над Французинот Адријан Манарина 6-3, 6-4, 6-7, 6-0, но гледачите на „Артур Неш“ стадионот го исвиркаа поради долг престој во соблекувалната меѓу третиот и четвртиот сет.
Циципас ги прекина дуелот и помина седум минути во соблекувалната, пред да се врати на теренот дочекан со негативни реакции од публиката, но тоа не го вознемири и го остави Французинот без освоен гем во четвртиот сет
Гркот по натпреварот изјави дека бил целиот мокар од пот и му било важно да се освежи.
– Не сторив ништо погрешно и затоа не ја разбирам ваквата реакција. Немам ништо против оние кои негодуваа. Ги сакам навивачите. Меѓутоа, некои луѓе тоа не го разбираат. Не играле тенис на високо ниво, па затоа не можат да разберат колку напор е потребно и колку е тешко тоа што ние го правиме. Понекогаш ни е потребен краток одмор за да можеме да го работиме тоа што го работиме, изјави Циципас, кој во третото коло на УС Опен ќе игра против Шпанецот Карлос Алкараз.