Хрватскиот плејмејкер Лука Циндриќ, конечно успеа да се договори со Барселона и го раскина договорот со каталонскиот клуб, по што веројатно ќе се пресели во редовите на романскиот шампион, Динамо Букурешт.
Романскиот клуб сезонава не доби „вајлд-карта“ за настап во Лигата на шампионите и ќе се натпреварува во Европската лига на ЕХФ, каде сака да остави одличен впечаток, па дури најавува и атак на самиот врв во ова натпреварување. Доаѓањето на Циндриќ ќе биде од голема важност за Динамо, затоа што Хрватот има огромно искуство и е освојувач на Лигата на шампионите од времето кога настапуваше за РК Вардар 1961.
Динамо ќе се обиде да привлече и други квалитетни играчи кои би го надополниле актуелниот состав, а целта на тимот е јасна – пласман на завршниот турнир во Европската лига и евентуално освојување на трофејот. Циндриќ премина во Барселона во 2019 година и четири сезони престојуваше во Шпанија, а претходно уште настапуваше за Киелце, Вардар, Металург и Карловац.
„Ел Мундо Депортиво“ објави дека Хрватот цели два месеца се договарал со Барселона за раскин на договорот кој имаше важност до истекот на сезоната 2024/25. Каталонскиот клуб на овој начин се обидува ги намали трошоците поради финасиската криза во која се наоѓа, а платата на Циндриќ изнесуваше нешто над 30.000 евра месечно.
Динамo Букурешт веќе најави дека за следната сезона ќе има на располагање сериозен буџет од 3,5 милиони евра, па не би требало да има поголем проблем да му ја исплаќа истата месечна заработка на хрватскиот репрезентативец.