понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Еурофарм Пелистер елиминиран од Нексе кој славеше и во Битола

Еурофарм Пелистер елиминиран од Нексе кој славеше и во Битола

Битолски Еурофарм Пелистер со втор пораз во осминафиналето се прости од Европската лига на ЕХФ. Битолчани денеска и на домашен терен во салата „Боро Чурлевски“ загубија со 21-22. Хрватскиот тим со гранитна одбрана и расположен голман заслужено оди во четвртфиналето.

Битолчани добро тргнаа во натпреварот и имаа постојано водство, а најмногу со 7-3. Хрватите првото полувреме го завршија со серија од 1-4 за да го преземат водството, но на паузата резултатот беше 11-11.

Нашиот тим очајно го почна второто полувреме и речиси седум минути не можеше да постигне гол па Нексе се одлепи на +3. Оваа разлика гостите ја одржуваа речиси до крајот, кога Пелистер притисна силно, но иако дојде до 20-20 не можеше барем со победа да се прости од Европската лига. Нексе заслужено по втор пат го победи македонскиот вицепрвак овој пат со 21-22.

Стипе Мандалиниќ со шест голови и Реинер Табоада со пет беа најефикасни во нашиот тим, додека голманот Мартон Секељ имаше осум интервенции. Кај Нексе, Марин Јелиниќ постигна пет голови, додека голманот Михаило Радовановиќ забележа 13 одбрани.