Ракометарите на Еурофарм Работник оваа недела ќе ја минат во Србија и Босна и Херцеговина каде што ќе одиграат три натпревари од подготвителниот период.
Избраниците на тренерот Ѓорѓе Чирковиќ ја завршија првата фаза на подготовки во Битола, потоа една недела беа во Маврово и одиграа четири натпревари на турнирот во Струга.
По враќањето во Битола, ракометарите на Еурофарм Работник тренираат секојдневно, а в среда ќе отпатуваат во Белград, каде в четврток ќе се соочат со српскиот суперлигаш Партизан.
– Ден подоцна експедицијата ќе замине за БиХ, каде ќе биде дел од Меморијалниот турнир „Заим Кобилиќ“. Како дел од истиот ќе настапат и екипите на Вогошча Хилс, Искра Бугојно и домаќинот Челик Зеница. Еурофарм ќе одигра еден полуфинален натпревар в сабота и во зависност од исходот и финале или натпревар за трето место в недела, информира прволигашот од Битола преку клупскиот сајт.