Ракометната репрезентација на Франција го совлада Иран со 41:29 и го завери пласманот во четвртфиналето на Светското првенство што се одржува во Шведска и Полска.
Уште по победата на Шпанија над Словенија од 31:26, јасно беше дека Триколорите ќе го освојат едно од првите две места во групата 1, а тоа го потврдија со лесниот триумф над Иран, чиј селектор е миленикот на Комитите, Веселин Вујовиќ.
Иранците во првото полувреме успеваа во одредена мера да им парираат на „Експертите“ (18:14), но во вториот дел актуелниот олимписки шампион додаде гас и брзо дојде до двоцифрена предност, со која ги реши дилемите околу победникот.
Најпрецизни во редовите на Франција беа Николас Турна и Тибо Брие со по шест гола.
Во натпреварот од групата 2, Унгарија со 28:25 го совлада Бразил благодарение на неколкуте одбрани на голманот Миклер во последните минути и ги задржа шансите за освојување на едно од првите две места на табелата кои носат пласман во нокаут-фазата.
Во Президент купот, Јужна Кореја со убедливи 34:23 славеше над Саудиска Арабија.