Александар Јовиќ ќе ја води екипата на Еурофарм Пелистер до крајот на сезоната, а улогата на стручен тимменаџер му е доверена на поранешниот селектор Звонко Шундовски.
Јовиќ добива одговорна задача во наредните десет кола од плеј-офот да ја донесе титулата во Битола, откако скоро три сезони со успех го водеше Еурофарм Пелистер 2. Битолчани добиваат македонски стратег по три години, откако Алушовски ја водеше екипата во сезоната пред корона-кризата.
„Прво сакам да се заблагодарам за довербата која нам ни е укажана во овој сензитивен момент за клубот. Сакам да упатам благодарност за Шундовски што ја прифати понудата од управата да биде дел од нас. Со неговото огромно искуство ќе ни помогне мене и на Зарков во работата и ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели во оваа сезона. Мислам дека имаме одличен тим, сите се одлични играчи како поединци, имаме време и со позитивна мисла, вредна работа и правилно насочување од наша страна да исполниме што зацртавме. Имаме уште најмногу три месеци до крајот на сезоната и би ги замолил сите да се фокусираме максимално на индивудуален и колективен план“, изјави Јовиќ.
Еурофарм Пелистер до крајот на сезоната ќе ги брка домашните титули, затоа што заврши настапите во Европската лига на ЕХФ.