вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Кузмановски меѓу најдобрите млади ракометари на ЕП

Кузмановски меѓу најдобрите млади ракометари на ЕП

Репрезентативецот на Македонија и ракометар на Металург, Филип Кузмановски се најде меѓу најдобрите млади ракометари кои го одбележаа Европското првенство во Хрватска.

Ден по завршувањето на шампионатот, на кој триумфираше Шпанија, а селекцијата на Македонија заврши на 11.место, хрватските медиуми направија листа на млади играчи кои со својот настап на првенството оставија силен впечаток.

На листата на најдобри, своето место Кузмановски го заслужи со одличните настапи на мечевите на кои доби шанса, особено на дуелот против Црна Гора на кој беше прогласен и за најдобар играч.

Кузмановски првенството го заврши со 15 постигнати голови, а шест од нив ги постигна на последниот меч против олимпискиот шампион Данска.

Покрај Кузмановски на оваа листа се најдоа уште и: Дика Мем (Франција), Симон Јепесен (Шведска), Станислав Кашпарек (Чешка), Милош Јовановиќ (Србија), Јанус Дал Смарасон (Исланд), Алиаксандар Падшвалов (Белорусија), Филип Хенингсон (Шведска) и Урх Кастелиќ (Словенија).

Ова е големо признание за младиот македонски ракометар, од кого допрва се очекува заедно со останатите кои настапија на ова првенство, Филип Талевски, Жарко Пешевски, Мартин Поповски и Мартин Велковски, да го понесат товарот во репрезентацијата која во јуни месец ја очекува бараж дуелите против Романија за пласман на Светското првенство следната година.