Македонските ракометари го оставија зад себе заморот по исцрпувачкиот дуел во Злин, па веќе интензивно се работи на што подобра тактичка подготовка за неделниот реванш во Скопје.
Пропуштената предност од седум гола на првиот меч е оставена зад себе, а фокусот е целосно ставен на реваншот, уште повеќе што Македонија во Злин покажа дека знае како да го надигра незгодниот противник.
„Бевме максимално подготвени за Чешка, мислам дека не не изненадија со ништо, имавме кратко време да се подготвиме, но покажавме таму дека можеме да играме со нив, и во во првото и во второто полувреме, особено во одбраната, што беше една од нашите задачи, исто како и од полуконтра да направиме разлика. Можеби се изненадивме дека водевме седум разлика. Се опуштивме, на крајот ни беше криво, но сега имаме шанса да ги исправиме работите“, вели Филип Кузмановски.
Одличниот бек кој настапува во Бундес-лигата е свесен дека задачата во Скопје нема да биде нималку лесна, но и дека публиката ќе им даде сила на македонските ракометари на патот до пласманот на ново големо натпреварување.
„Јасно ни е дека и во Скопје не очекува тежок натпревар. Имаме уште два дена, добро ќе анализираме и се надевам на победа. Одбраната беше добра на првиот натпревар, останува да ги поправиме тие технички грешки во транзиција, треба да даваме полесни голови. Кога ќе играш пред 7.000 гледачи, не постои психолошка исцрпеност, мотивацијата е уште поголема. Поквалитетни сме од Чешка, кога ќе видиме на секоја позиција, но тоа мораме да го покажеме на терен. Верувам дека ќе се избориме за пласман на Светското првенство“, коментира Кузмановски.