Ракометарките на Куманово загубија несреќно во првиот меч од првото коло во Европската лига со 25-26 од Макаби Аразим Рамат Ган.
Натпреварот беше израмнет од самиот почеток со неколку пресврти, иако на стартот Макаби имаше предност од два гола (1-3), но Куманово стигна до пресврт (8-6) во 18. минута од мечот.
По голема битка до крајот Макаби, сепак, замина на пауза со водство од еден гол (15-14).
Во второто полувреме Макаби набрзо стигна до предност од четири погодоци (20-16), но Куманово не се предаваше и влезе во драматична завршница (25-25), при што имаше напад за победа, кој не го искористи, а гостите од Израел во контра-напад добија пенал во последна секунда кој го реализираа за победа од 26-25.
Најдобра ракометарка кај Куманово беше Габриела Величковска со 13 голови, додека Дуња Тасиќ даде девет за тимот од Израел.