Репрезентацијата на Македонија денес ќе го одигра вториот натпревар на Европското ракометно првенство. Во „Феникс Арена“ во Дебрецин, втор предизвик за момците на Кирил Лазаров е селекцијата на Црна Гора.
Балканскиот ривал можеби важи за аутсајдер на оваа средба, ама Македонија не смее во ниту еден момент да се опушти. Подмладениот „црвено-жолт“ колектив во дуелот со Словенија од првото коло покажа дека има сили да се бори со најдобрите. Словенците беа голем фаворит, ама Македонија сериозно се спротивстави. Сепак, тој дуел го одлучија техничките грешки во нападот и искуството на противникот. И покрај загубениот натпревар, радува фактот дека блеснаа младите Цветан Кузманоски и голманот Мартин Томовски, одбраната беше на високо ниво и со подобрување во нападот Македонија може да цели високо.
Против Црна Гора ситуацијата ќе биде спротивна. Македонските ракометари на хартија вредат повеќе и се фаворити, па тоа на Црногорците им дава подобра позиција и помал притисок. Овој натпревар за двете репрезентации е можеби единствената шанса за бодови во групата со гигантот Данска и силната Словенија, па така мотиви нема да недостигаат. Во таборот на Црна Гора има „познати“ лица, бидејќи за нив играат Мирко Радовиќ од Еурофарм Пелистер, како и Васко Шеваљевиќ, Василије Калуѓеровиќ, кои минатата година играа во Суперлигата на Македонија.
Нема сомнеж дека избраниците на Лазаров сакаат победа за „чиста совест“ и опстанок на малата надеж за пласман во следната фаза. Македонија мора да заборави на сè што се случи пред два дена и сите математики, па да одигра како што знае за да ја победи Црна Гора. Доколку се случи тоа и Македонија победи, дури тогаш може да се размислува за статистики и можности во пресрет на дуелот со гигантот Данска в понеделник.
Денешната средба против Црна Гора во Дебрецин, Македонија ќе ја игра со почеток во 18:00 часот.