Марин Томовски (25), голманот на РК Вардар 1961, реши да остане во клубот и да си го доработи договорот кој му истекува со крајот на идната сезона.
Откако настана познатата ситуација со исклучувањето на Вардар од Лигата на шампионите за претстојната сезона од страна на ЕХФ, дилемата беше дали репрезентативниот голман ќе остане во Вардар или ќе побара нова средина каде ќе може низ европски натпревари да ги искористи своите вредности.
Неговиот договор со Вардар е една плус една година и му останува уште една сезона да го доработи.
– Имав и други понуди за идната сезона. Интерес покажаа и други клубови, но не ги задоволуваа моите критериуми. Вардар минува низ тешки моменти, но решив да бидам дел од тоа и да си го одработам договорот до крај – изјави Томовски.