Француски Нант, тимот во кој до пред скоро време настапуваше Кирил Лазаров, донесе две нови имиња за претстојната сезона како засилувања за Лигата на шампионите.
Шпанските репрезентативци Хорхе Македа и Каулди Одриозола се нови членови на францускиот вицепрвак. 34-годишниот Македа доаѓа како десен бек и замена за Кирил Лазаров кој замина во пензија.
25-годишниот Одриозола игра како лево крило. Македа пристигна во Нант од тимот на Веспрем каде настапуваше во последните две години, додека Одриозола беше дел од Бидасоа Ирун од 2016 година и немаше менувано клуб како професионалец.
Нант во Лигата на шампионите ќе игра во групата Б заедно со ПИК Сегед, Барселона, Целје, Киелце, Кил, Елверум и Алборг.