Со четири од можните десет бода на контото, македонскиот претставник во Европската лига, Еурофарм Пелистер го подготвува дуелот против Бидасоа Ирун од 20:45 часот. Убедливиот пораз од дванаесет разлика во Баскија минатиот вторник ги приземји пелистерци, но и покрај поразот сите веруваат во поинаков натпревар и исход.
Гоце Ојлески ја пренесе атмосферата во соблекувалната и ги откри опасностите од противникот.
„Се подготвуваме, го анализираме претходниот натпревар кој го игравме во Шпанија, каде навистина одигравме лошо. Се надевам дека со нови сили, цел тим ќе даде максимум и ќе се израдуваме на победа на домашен терен. Очекувам да ја заокружиме оваа полусезона со победа.Бидасоа Ирун има искусни ракометари, како што е Агинагалде, играат шпански систем на ракомет, кој можеби не е толку атрактивен за гледање, но секој си ја знае работата, добро се воиграни и носи резултати. Верувам дека имаме свои шанси и се надевам на победа“, вели левото крило на битолчани.