До пред вчерашниот натпревар со Словенија, Македонија во дуелите со овој противник имаше само една победа и тоа победа која е историска за македонскиот ракомет, победа која ни го донесе петтото место на Европското првенство во 2012 во Србија.
После тој натпревар радоста и славјето кај македонските фанови беше навистина големо, еуфоријата беше преголема, па ниту ладните температури кои тогаш беа во Македонија, не ги спречија граѓаните да го преполнат плоштадот за да ги пречекаат своите спортски херои.
Македонија тогаш ја победи Словенија со 28:27, што беше досега единствена победа за нашата репрезентација против Словенците.
Во официјалните натпревари со Словенија досега имаме две победи и четири порази. Во 2007 година во бараж дуелот за пласман на Европското првенство, Словенија два пати беше подобра од нас со 33:28 не победија во Марибор, а подобри беа и на реваншот во Скопје кога не победија со 32:33, интересно тогаш селектор на македонската репрезентација беше Веселин Вујовиќ кој сега е селектор на Словенците.
Покрај тоа порази од Слвенија и на две Светски првенства со 30:28 во осминафиналето во Катар во 2015 година и лани во Мец, во групната фаза кога бевме поразени со 30:22.
А оние две победи кои ги имаме се навистина важни победи, како што пишавме погоре едната донесе историски пласман за македонската ракометна репрезентација, а другата е прва во историјата на нашата репрезентација во отворањата на големите натпреварувања.
Спортската еуфорија во тој период во Македонија беше навистина голема, откако неколку месеци пред тоа кошаркарската репрезентација заврши на историското четврто место на Европското првенство во Литванија. Ако ја гледаме спортската еуфорија можеме да кажеме дека и сега е слична ситуацијата, ракометниот колектив на Вардар, предводен од селекторот Гонзалез стана европски првак, додека фудбалскиот колектив на истоимениот тим за прв пат во историјата на македонскиот фудбал играше во групна фаза Лигата на Европа.
Погледнете каков беше пречекот на македонските ракометари на плоштадот во Скопје после историската победа над Словенија во 2012 година.
Колкава радост тогаш на нацијата и донесоа македонските ракометари покажува и тоа дека еуфоричен пречек ракометарите добија уште на граничниот премин Табановце, кога се враќаа од Белград.