Во завршниот круг од ЕХФ Купот, македонската женска ракометна репрезентација неделава ќе одигра два натпревари со репрезентацијата на Норвешка.
Избраничките на селекторот Љубомир Савевски во соочувањата со најтрофејната селекција во женскиот ракомет има уште една можност да го стекне неопходното искуство пред настапот на Европското првенство што ќе се одигра кон крајот на годинава.
“Два натпревари со Црна Гора, два натпревари со Словенија и сега два со Норвешка, мислам дека ниту една женска ракометна репрезентација на Македонија до сега не одиграла толку пријателски дуели за една година. Ова за нас е богатство, огромна шанса ракометарките да го стекнат неопходното искуство. За нас во стручниот штаб е многу значајно да се види до каде сме, каде може да ги подобриме работите, посебно во овие претстојни натпревари со Норвежанките. Ќе се сретнеме со светска ракометна велесила, селекција која освојувала златни медали на сите големи натпреварувања и е убедливо најтрофејната репрезентација во женскиот ракомет. На состанокот пред почетокот на подготовките реков дека ова е празник за нас, без разлика во каков состав ќе допатуваат Норвежанките. Без разлика во која состав доаѓаат тоа е исклучително силен тим, негува многу брз ракомет, со одлична транзиција. Ние ќе се обидеме да покажеме што знаеме и да се натпреваруваме, да видиме до каде сме. Идентичен пристап имавме и на првите четири средби немаме намера предвреме да се предадеме и треба на секој натпревар да играме најдобро што можеме бидејќи преку овие дуели можеме да дојдеме до квалитет на екипата која во следната деценија ќе биде дел од големите натпреварувања”, рече селекторот. Савевски.
За жал и на овој натпревар предводникот на националниот тим повторно на располагање нема да ги има сите ракометарки на кои смета за Европското првенство.
“Токму така. На ниту еден натпревар не бевме комплетни. Очекувавме дека на овој меч ќе дојде Елена Георгиевска, која за жал се уште е повредена. Десподовска и Мркиќ по хируршките зафати полека се враќаат на теренот и нивната форма оди во нагорна линија, но се решив да не ги повикам бидејќи се уште е рано за нив во толку кус период да одиграат два тешки натпревари. Имаме доволно време и можности тие да бидат дел од националниот тим бидејќи не очекуваат Медитеранските игри и ЕХФ неделата во септември. Им посакувам пред се здравје и да продолжат со добрите игри и сигурно ќе бидат дел од репрезентацијата бидејќи добро е за сите нас да имаме што е можно поголем ростер. Имаме млади, перспективни ракометарки кои се наметнуваат за место во репрезентацијата и верувам дека ќе создадеме тим што ќе може да биде рамноправен противник со најдобрите селекции од Стариот континент”, заврши селекторот Савевски.
Мечот против Норвешка се игра в четвртот во А1 арената Борис Трајковски и почнува во 19 часот и 30 минути.