Женската ракометна репрезентација на Македонија во Скопје против Словенија ќе го одигра реванш дуелот од ЕХФ Купот.
Во првиот натпревар пропуштивме шанса за сензација, но составот предводен од селекторот Љубомир Савевски од натпревар во натпревар игра се подобро и можеме да се надеваме дека ќе стигнеме до првата победа во ова натпреварување.
“Резултатот во Словенија е плод на желбата за успех и квалитетот на ракометарките. Ќе бидам среќен ако на утрешниот дуел ја повториме играта од првиот натпревар. Во моментов резултатот е во втор план, би било убаво да победиме што ќе биде дополнителен мотив за екипата да напредува уште повеќе”, изјави селекторот Савевски.
“Настапот во ЕХФ Купот е вистинско богатство за нас. Ние немаме можност да играме толку голем број на квалитетни натпревари во една сезона. Во досегашниот тек од натпреварувањето ракометарките покажаа дека имаат талент, имаат квалитет само е потребно време и место тоа да го докажат. Во Целје покажаа храброст, истрајност и карактер. Во еден момент имавме негатива од пет гола, но ние се вративме во мечот и до крајот игравме гол за гол. Искрено јас се чувствувам како да победивме, за мене тоа е голем плус и доказ дека сме на вистинскиот пат. Имаме уште многу работа, но ако продолжиме вака сигурно дека не чека добра иднина”, заврши предводникот на националниот тим.
Дуелот се игра во арената Борис Трајковски, почнува во 18 часот, а влезот за сите заинтересирани е слободен.