„Пораснав во Сента, градче каде ракометот е дел од градската историја, еден од најпопуларните спортови, како во машка така и во женска конкуренција. Мојот татко играше ракомет и јас израснав покрај теренот. Татко ми ме однесе на тренинг и не можеше да заврши поинаку. А, и немав многу опции, не бев доволно физички за фудбал, а во ракометот некако ми беше најудобно. На почеток играв на позиции, а потоа застанав меѓу диреците. И гледав многу мечеви, а посебно некого кого сакав да гледам беше еден голман кој уживав да го гледам, ми се допаѓаше стилот, одбраните. Беше македонскиот репрезентативец Шандор Ходик. И тој е причината зашто станав голман“, пишува Штербик.
Преку Југовиќ и Веспрем, Штербик во Шпанија потоа мина една деценија од Сиудад Реал, Атлетико Мадрид до Барселона и потоа во 2014 година дојде во Скопје како спектакуларно бомбастично засилување во изградбата на македонскиот гигант Вардар, кој потоа двапати ќе стане европски првак.
„Во 2014 година решив да дојдам поблизу до дома после десет години живеење во Шпанија и затоа дојдов во Вардар. Навистина ми се допадна планот на Сергеј Самсоненко, за тим кој ќе биде конкурентен во Европа. Се сеќавам ми се јави Индира Кастративиќ, да ме праша дали може да i препорачам некои играчи за Вардар, а на крај се испостави дека всушност ме сакале мене. Сите од Вардар ми го изложија планот, играчи…сѐ што на крај ќе излезе дека е Вардар. Многу брзо се договоривме. Тоа беше толгу добра селекција на играчи со неверојатен тимски дух. И успеавме да направиме големи работи. Успеавме да донесеме слава (европската титула – н.з.) која никој не ја очекуваше“, потенцира Штербик.
„Скопје живее за спорт. Фантастични се во секој спорт, не само за ракомет и Вардар. И многу ги ценам луѓето во Македонија. Постојано ве поддржуваат и во лошо и во добро. Мои четири години – незаборавни! Секој играч си ја знаеше работата, секој даваше сѐ од себе. Во првата година кога дојдов не беше сѐ професионално како подоцна, но секој ден, секоја недела, ние се развивавме заедно, дававме максимум за една голема цел, за еден голем сон. Имаше и тешки моменти, нормално, но имавме еден неверојатен капитен во Стојанче Стоилов, кој сите нѐ држеше заедно и беше конекцијата меѓу сите нас“.
Три години откако дојде го освои последниот клупски голем трофеј, Лигата на шампионите и тоа со клуб кого никој не го гледаше како иден владетел на Европа – Вардар.
„Јас не ни помислував дека повторно ќе ја освојам Лигата на шампионите, без оглед што за такво нешто секогаш верувате и сонувате, а не мислев дека тоа ќе биде и моја последна круна. Но, таа 2017 година беше магична. Во Келн на Ф4, сѐ е можно. Нормално, кога ќе обезбедите пласман, верувате и доаѓате подготвени да бидете вистинските, но треба да сте реални дека има и посилни тимови од вас. Во полуфиналето со Барселона ги чекавме нашите пет минути да блеснеме и да ги изненадиме и успеавме. Победивме со еден гол во луд меч. И се сеќавам кога се вративме во хотелот вечерта, одам да го прашам тренерот Раул Гонзалез како во финале со ПСЖ, што ќе правиме, каква тактика ќе имаме, каков стил на игра…? А, тој ми вели: ‘Прво да гледаме финале на ЛШ помеѓу Реал Мадрид и Јувентус, а потоа цела ноќ ќе имам за подготовка за нашето финале“. И нe подготви. Можеби ПСЖ и нѐ потцени, но небитно е тоа. Имавме голем тим. Сега секој од таа генерација е во топ тим и тоа го потврдува квалитетот. Го победивме ПСЖ со еден гол, повторно во луд меч и потоа беше – експлозија од радост. Не само меѓу нас во клубот, туку во Скопје, помеѓу сите навивачи на ракометот. Дочекот…. Тоа нема никогаш да го заборавам!“, завршува Штербик.