Кадетската репрезентација на Македонија со пораз го стартуваше настапот на СП во Хрватска, откако избраниците на Раде Стојановиќ по голема битка загубија од Норвешка со резултат 27-25.
Скандинавците ја имаа улогата на големи фаворити во пресрет на мечот, но Македонија се покажа во добро светло, во голем дел од мечот му парираше на норвешкиот состав, но немаше среќа да стигне до позитивен исход на овој меч во кој „црвено-жолтите“ се покажаа во одлично ветло.
Норвежаните отворија подобро и поведоа со 3-1, по што следеше наша реакција до егал (3-3). Во следниот период одново скандинавците водеа и контролираа, дојдоа до највисоките +4, но до паузата Македонија намали и на одмор се замина со активна 11-9.
Стартот на второто полувреме беше „црн“ период за нашите кадети. Норвешка го искористи тоа и успеа да поведе со 16-10. Одново Македонија успеа да се консолидира, со серија од 4-0 пријде пак на активни минус два. Норвежаните контролираа, пак дојдоа до пет погодоци предност, но пред финишот дојде до драма. Момците на Стојановиќ успеаја во два наврати да пријдат на само гол дефицит, меѓутоа немаа сили за изненадување и загубија (27-25).
Во 52. минута црвен картон заработи селекторот на Македонија, Раде Стојановиќ.Најдобар играч во нашиот табор беше Мирче Калајџиески со седум реализации, додека на натпреварот најефикасен беше Олсет од Норвешка со девет.