Денес македонската ракометна репрезентација го имаше собирот пред подготовките за Светското првенство кое ќе се игра на почетокот на годината во Полска и Шведска.
Селекторот на македонската репрезентација Кире Лазаров порача дека имаме тешка група, но се надева на изненадување. Зборуваше и Филип Талески кој истакна дека повеќе не смее да има оправдувања дека се млади и неискусни.
„Дојде и таа промена која се најавуваше без поискусните да бидеме на големо натпреварување. Многу ни помогнаа во баражите, ни го пренесоа искуството и ни кажаа дека понатаму ние треба да одлучуваме. Поразлично е на големите натпреварувања. Се игра турнирски систем секој втор ден, затоа и порано се сибираме. Десет дена ќе работиме базични подготовки тука, а потоа ќе видиме што ќе ни недостасува на контролките“.
Групата е тешка и според Талески.
„Добивме тешка група, во секоја група има некои послаби репрезентации, ние како најслаба ја имаме Аргентина која на последното Светско првенство покажа дека знае ракомет. Мораме да преземеме и на терен, во квалификациите покажавме дека можеме, нема веќе оправдувања дека сме млади и неискусни“, истакна Талески.