Екипата на Тиквеш 2014 направи голем подвиг и на домашен терен го сопре Вардар 1961, ривал против кој дојде до голем бод (32-32) и го осигура местото кое води во еврокуповите на едно коло пред крајот. Големиот фаворит се мачеше цела средба, а тиквешани дојдоа до реми со гол на неколку секунди пред крајот и така му „помогнаа“ на братскиот тим Пелистер од Битола кој официјално сега е шампион на Македонија.
Кавадарчани го фатија фаворитот на изненадување и уште од почетокот наметнаа свое темпо на игра. Вардарци не очекуваа таков старт од домашниот тим во „Јасмин“, Тиквеш имаше предност од 6-2 на почетокот, а енигма беа Коцев и Симиќ кои беа моторот на играта на тимот кој се бори за Европа. Сепак, Вардар се врати предводен од Дејан Манасков и Куни Моралес, израмни на 9-9. Ама, пак следеа грешките, па Тиквеш замина на 15-10. Плусот стоеше за домаќинот и до полувремето (18-15).
Во вториот дел вардарци константно бркаа, а го „фатија“ противникот кога дојдоа на 28-28. Се играше драматичен финиш, резултатот беше вистинска клацкалка. Прво име кај Тиквеш беше Хамзиќ кој даде четири гола во последните десетина минути. Беше 31-31 на влезот во последните две минути, а откако за Вардар погоди Куни Моралес, Тиквеш реализира преку Симиќ и тоа беше се кога се говори за головите.