сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Вардар 1961 го совлада Еурофарм Пелистер во македонското ракометно дерби

Вардар 1961 го совлада Еурофарм Пелистер во македонското ракометно дерби

Актуелниот македонски ракометен првак Вардар 1961 направи исчекор кон одбрана на титулата откако вечерва во Скопје го совлада Еурофарм Пелистер во големото македонско дерби со 31-24.

Бодрени од домашната публика, Вардар замина на полувреме со предност од 13-10 која со фуриозен старт на второто полувреме ја зголеми на 18-11 во 36 минута.

До крајот на натпреварот Вардар во неколку наврати имаше највисока предност од седум голови разлика и забележа важна победа во битката со директниот конкурент за титулата.

Дејан Манасков и Филип Талески со по седум голови беа најефикасни во редовите на Вардар и воедно на натпреварот, додека Жарко Пешевски со пет погодоци го предводеше ботолскиот вицешампион.

Ракометното дерби го одбележаа инциденти во првото полувреме кога натпреварот беше прекинат во 17 минута, при резултат 6-6, откако во салата влегоа навивачите на битолскиот прволигаш по што почнаа да фрлаат со пиротехнички средства кон домашната публика.

Десетина навивачи на Вардар веднаш потоа влегоа на теренот и возвратија кон навивачите на Еурофарм Пелистер со пластични шишиња и тврди предмети, по што судиите го прекинаа натпреварот, а играчите на двете екипи се повлекоа во соблекувалните.

Натпреварот беше во прекин околу половина час и дербито продолжи откако обезбедувањето во салата и полицијата обезбедија нормални услови за игра.

Реваншот е на 7 мај во Битола.