Македонскиот учесник во квалификациите на Европската лига, скопски Вардар 1961 засилено се подготвува во Маврово. Веќе неколку дена момците на Владо Недановски работат во прекрасните услови во Маврово, каде делат ист хотел и иста сала со најголемиот ривал Еурофарм Пелистер.
Сите шест засилувања пристигнаа во Македонија и на четири недели до првиот дуел против Рајн Некар Левен, стручниот штаб ги има сите ракометари на располагање.
На Недановски и Стоилов во Маврово на располагање им се Стефан Петриќ, Марко Срдановиќ, Матија Николиќ, Косуке Јасухира, Нилтон Мело и Ансер Родригез.
Во новата сезона освен во Суперлигата, Вардар ќе се бори за влез во групите на Европската лига на ЕХФ. Сепак, баражот ќе биде пеколно тежок, бидејќи за ривал го добија Рајн Некар Левен.
На 26 август во СЦ. „Јане Сандански“, македонскиот претставник ќе биде домаќин на германскиот бундеслигаш. Натпреварот ќе започне од 19:00 часот. За трети септември е закажан реванш натпреварот во Манхајм, кој ќе започне од 16:00 часот.