Словенечкиот ракометен репрезентативец Миха Зарабец потпиша нов договор со европскиот ракометен шампион Кил.
Постоеше шанса овој одличен ракометар по истекот на договорот со „зебрите“ да пристигне во Вардар, но Зарабец на крајот реши да ја прифати понудата за нова двогодишна соработка со Кил, клубот со кој во декември стигна и до европската круна.
„Секој ракометар знае што значи Кил. Ова е мојот клуб од соништата, самото носење на дресот на Кил прави да бидете горд. Среќен сум што потпишав нов договор, со нетрпение го очекувам денот кога повторно ќе играме пред нашите верни навивачи“, изјави Зарабец.