Земјата е во вонредна национална состојба, повеќе не постои држава, нема судство и обвинителство, се носат закони за да се полнат џебовите на албанскиот премиер Еди Рама, па во вакви услови опозицијата не се враќа во Парламентот, изјави во Валона лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, пренесувајќи го ставот на албанската обединета опозиција.
Баша, придружуван од Моника Круемади, претседателка на Социјалистичкото движење за интеграција и Шпетим Идризи, лидер на Партијата за правда, интеграција и единство, позната како „партија на Чамите“, која деновиве ја напушти владината коалиција и се приклучи кон опозицијата, порача дека Рама „бил фатен во кражба“ во однос на Националниот театар.
– Законот „Фуша“ е за грабеж на Националниот театар. Еди Рама и неговите разбојници во Парламентот се фатени во кражба преку забрзана процедура на законот за грабеж на театарот. Во вакви услови опозицијата не се враќа во Собранието, изјави Баша во Валона,каде денеска заседаваат пратениците од опозицијата.
Градежната компанија „Фуша“, која според опозицијата е во блиски односи со Рама. ќе го урива театарот и ќе гради повеќекатници на таа локација.
Продолжувајќи со обвиненија за актуелната власт, Баша рече дека криминалот владее и во Валона и направи кусо резиме на настани што се случувале последните месеци во овој град.
Неговиот нов партнер Идризи оцени дека поради една Влада која Албанија ја однела во непознат правец има потреба од силна опозиција.
– Денес опозицијата бројно е во мнозинство. Дојде денот на Албанците да им дадеме понуда и решенија за проблемите кои ги мачат, додаде Идризи.
Круемади и лидерите на помалите политички партии предложија отпочнување со средби со базата, оценувајќи го патот до „ослободување на Албанците од криминлната Влада“ како долг и тежок. (МИА)