Тимови на албанската полиција опремени со беспилотни летала, кои продолжуваат со интензивни контроли на целата територија, во атарот на градот Лежа откриле повеќе од три илјади садници канабис сатива.
-Тимовите специјално поставени од полицијата во Лежа за спроведување на оперативниот план на територијата на државата, со фокус на превенција, откривање и сузбивање, уште во почетна фаза на обиди за одгледување наркотични растенија, продолжуваат со интензивни контроли на целата територија. Во планински предел на селото Унгреј откриени беа над три илјади садници канабис сатива, подготвени за расадување, кои се уништени со палење, наведува полицијата.
Во рамки на полициската мега-операција „Слика“ само во овој дел од земјата откриени и уништени се околу пет илјади садници и стебла на канабис.
На целата територија на Албанија, која се уште се смета за најголем производител на марихуана на европско тло, за кус период, уништени се околу 20 илјади стебла, засадени главно во планински тешко достапни предели.