среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Албанскиот Парламент ги усвои спорните Закони за медиуми

Албанскиот Парламент ги усвои спорните Закони за медиуми

По повеќечасовна расправа албанскиот Парламент синоќа го усвои „пакетот закони за спречување клевета“, кој предвидува високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.

За пакетот закони гласаа 82 гласа од албанското владејачко мнозинство, против беа 13 пратеници, петмина беа воздржани, а исто толку не гласаа.

Со новите законски решенија Агенцијата за аудовизуелни медиуми (АМА) добива надлежност да казнува па дури и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.

Пакетот беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, истакнувајќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и е во судир со меѓународните принципи. Тие сметаат дека АМА не може да има компентенци кои му следуваат на судот.
Премиерот Еди Рама бранејќи го владнот предлог, од собранската говорница рече дека целта на усвојувањето на двата нови закони е борба против лажните вести и дека тие биле целосно во согласност со меѓународните стандарди.

– Наша цел е да поставиме стандарди за да се почитуваат човековите права. Владата соработуваше и законите ги подготви заедно со ОБСЕ, изјави Рама.

Последниот збор сепак го има претседателот Илир Мета, кој доколку се има во предвид подршката што претходно ја даде на новинарските здруженија, повеќе од сигурно е дека нема да го потпише ќе го врати во Парламентот.

Вакво нешто најави и Рама од собраниската говорница.

– Од денеска сите Албанци треба да знаат дека имаат на располагање еден инструмент кој ќе биде ставен во функција по Нова година, зашто Претседателот ќе ни го врати пред Нова година,рече Рама.

Претставнкот за слобода на медиумите при ОБСЕ, Харлем Десир изјави дека на Нацрт-законот сеуште треба да се работи, за да се намалат евентуалните казни за објавување наводно лажни вести, со оглед дека казните се до 16.000 евра.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во изјава за медумите во понеделникот побара текстот на законите да се разгледа од почеток, сметајќи ги за „тежок удар врз слободата на изразување“.

– Јас сум длабоко загрижена кога дознав дека албанскиот Парламент ќе ги разгледува двата предлог-закони, познати како „Пакет анти-клевета“. Овие Предлог – закони имаат итна потреба од подобрување. Некои одредби не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за човекови права кои ја штитат слободата на изразување и слободата на медиумите, оцени Мијатовиќ.

Таа, исто така, изрази загриженост за „дискреционото право“ кое се дава на Агенцијата, која може да изрече високи казни и да блокира медиумски сајтови без судски налог, како и воведување на контрола од државата врз онлајн медумите.

Загриженост искажа и Евопската комисија и ги повика албанските власти да ги разгледаат препораките дадени од ОБСЕ и на Советот на Европа, мобилизирани преку фондовите на ЕУ, со цел да се обезбеди усогласеност со европските стандарди во областа на слободата на изразување.