Во Албанија се погласни и почести се барањата за организирање предвремени парламентарни избори и формирање преодна влада 100 денови пред избори.
Вакво барање денеска дојде и од Фатмир Медиу, лидер на Републиканската партија и поранешен министер за одбрана, кој истовремено обвини дека „Албанија е во социјален, општествен и економски шок“, што е последица на „загубената контрола од владејачкото мнозинство“.
– Немаме парламент, немаме избрана туку именувана локална самоуправа. Трговијата со дрога сега стана доминантна, обвини Медиу.
Тој го повтори уште еднаш барањето за нови избори.
– Предвремени избори мора да има, а и преодна влада три месеци пред какви било избори, порача Медиу.
Медиу ја истакна важноста од донесувањето на изборните реформи, со што треба да се предвидат казни за купување гласови, декриминализација и финансирање на партиите и кампањите.
Тој и претходно на Национално собрание на партијата за излез од длабоката политичка криза, во која се наоѓа земјата, предложи во Албанија да се примени „моделот на Македонија“ за преодна влада, 100 дена пред избори.
Лидерот на главната опозициска сила Демократската партија, Љуљзим Баша, кој во континуитет бара оставка на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада која ќе спроведе слободни предвремени избори, пред два дена изјави дека со договорот постигнат со владејачките социјалисти за донесување на изборните реформи предвидено е спроведување предвремени избори.
Тоа, пак, го демантираше владејачката Социјалистичка партија, чиј генерален секретар и координатор на пратеничката група,Таулант Бала, наведувајќи дека предвремените избори не се тема на дијалог со тој сојуз, односно не со Љуљзим Баша, додаде дека мандатот добиен од албанските граѓани истекува во јуни 2021 година.