понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Атина демантира дека турската крајбрежна служба симнала грчкото знаме од ненаселен остров

Атина демантира дека турската крајбрежна служба симнала грчкото знаме од ненаселен остров

Портпаролот на грчката Владата и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос денеска не ги потврди информациите објавени во медиумите во Турција дека турската Крајбрежна служба отстранила знаме на Грција од грчкиот ненаселен остров Микрос Антропофас.

Според тврдењата на турските медиуми, премиерот на Турција, Бинали Јилидирим изјавил оти припадници на Крајбрежната служба го отстраниле грчкото знаме, што во петокот го поставиле група млади Грци.

– Крај турскиот брег повторно се вее грчко знаме на карпест остров над кого суверенитетот не е дефиниран. Турската крајбрежна служба интервенираше и го тргна знамето од таму, рекол Јилдирим.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, на денешниот брифинг Ѕанакопулос демантираше дека воопшти имало таков инцидент.

– Врз основа на последното известување што го имаше грчкиот премиер од Министерството за одбрана и Командата на Воената морнарица, не се потврдува никаков инцидент на нарушување на грчката територија. Во секој случај морам да кажам дека изјавата на господинот Јилдирим е целосно провокативна и е за осуда. Грција нема шанси да ја прифати, ниту теоријата на „сиви зони“, ниту какво било оспорување на нејзиниот територијален суверенитет, рече Ѕанакопулос.

МИА