Амбасадорката на Европската Унија во Тирана, Кристијане Хохман на албанскиот претседател Бајрам Бегај попладнево му го предаде извештајот на Европската Комисија за напредокот на Албанија на европскиот пат.
Информирајќи за средбата Бегај напиша дека овој извештај ќе послужи како „непристрасен водич за Собранието на Албанија, Владата и сите институции одговорни за продолжување на реформите во земјата”.
– Високо оценувајќи ја континуираната поддршка што Европската Комисија и земјите на ЕУ и ја даваа на Албанија за време на патувањето во процесот на интеграција, потврдив дека членството на Албанија во ЕУ е и останува стратешки приоритет и непроменлива цел, наведува Бегај.
Додава дека е неопходен консензус и поддршка на интеграциската агенда од позицијата и опозицијата за напредок на реформите и за решавање на сите прашања наведени во извештајот.
Извештајот вчера евроамбасадорката и го предаде на вицепремиерката Белинда Балуку.
Хохман меѓу другото рече дека оценката во извештајот е дека Албанија продолжила да се фокусира на продолжување на реформите, ја повикува владата заедно со опозицијата да се фокусира на унапредување на реформите во правосудството, но ја нагласува загриженоста околу слободата на медиумите, правото на сопственост, законот за фискална амнестија и „златните пасоши“.