понеделник, 15. јануари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Бегалците и барателите на азил на грчките острови изгубија надеж и потреба да живеат

Бегалците и барателите на азил на грчките острови изгубија надеж и потреба да живеат
epa04713057 Illegal migrants on Zefyros beach at Rhodes island, in Greece 20 April 2015. A ship with 200 undocumented migrants on board run aground at Rhodes central beach Zefyros. Most of the migrants fell into the water and managed to swim safely to the beach with the assistance of the locals. The ship run aground on rocks and according to initial estimations the vessel has severe damages. The bodies of a man, a woman and a child were recovered during a rescue operation. EPA/LOUKAS MASTIS

Ситуацијата со бегалците на грчките острови е трагична, можеби полоша од најлошите места во светот, а луѓето ја изгубија дури и надежта и потребата да живеат, вели меѓународниот директор на невладината организација „Доктори без Граници“ (МСФ), Христос Христу во разговор со дописничката на МИА од Атина, во однос на ситуацијата со бегалците и мигрантите на грчките острови, при што ја коментира и балканската рута, по која иако е затворена, сепак постои раздвиженост.

– Трагична е ситуацијата на островите, а причината што ја прави уште потрагична, не се само лошите, би рекол, нехумани услови во кои што живеат, не се само многубројните и нови пречки што излегуваат пред нив, во врска со пристап до здравствените служби, во процесот за азил, па дури и во едноставните секојдневни услови за живот. Она што ја прави ситуацијата уште полоша е нивното психичко здравје кое што стигна до крајна точка и затоа споредуваме со други делови од светот и би рекол дека можеби е полошо од најлошите места во светот, затоа што гледам празни погледи на деца и луѓе кои ја изгубија дури и надежта и потребата да живеат, вели меѓународниот директор на „Доктори без Граници“.

Христу за МИА објаснува дека немаат конкретни податоци околу тоа колку бегалци и мигранти и понатаму ја користат, сега веќе затворената балканска рута, но низ која преку нелегални премини сепак постои раздвиженост.

– Доктори без граници во Грција, паралелно имаат развиено и проекти, програми во Босна и во Србија, а причината е да го следиме она што го нарекуваме „балканската рута“ на луѓето. Во овој момент не можам да споделам со вас конкретни бројки, но разговарав со шефот на Мисијата од Грција, што ги следи овие програми. Знаеме дека постои движење на луѓето, кои секако се соочени со различен вид на предизвици од оние кои што јас ги видов на островите, вели Христу.

Меѓународниот директор на „Доктори без Граници“, одржа прес-конференција во Здружението на странски дописници во Грција по повод посетата на „Доктори без граници“ на Самос и Лезбос и за да ја пренесе сликата и нивното искуство од прифатните центри на овие грчки острови. Тој вели дека условите во кои што живеат бегалците и барателите на азил се толку лоши што на Самос дури немаат ни вода за пиење, а некои доаѓаат со надеж дека ќе останат кусо, но нивниот престој достигнува и до три години.

– По речиси четири години од имплементацијата на Договорот ЕУ – Турција, имаме 37.000 луѓе кои живеат во нелегални кампови и целосно го имаат загубено достоинството. Луѓето се заробени во услови кои што можат да се споредат со најлошите места во кои работат МСФ во целиот свет. Во некои делови од кампот Морија, има еден тоалет за 200 луѓе, а на Самос е уште полошо еден за 300 луѓе. Само да ве потсетам дека меѓународните стандарди се еден тоалет за 20 луѓе, истакна Христу.

Во однос на новата политика на грчката Влада, да ги затвори постоечките кампови и на нивно место да изгради затворени центри, претседателот на „Доктори без граници“, вели дека решението не е да се затворат прифатните пунктови и да се изгради нешто што можеби ќе има подобри услови, кое истовремено може да се претвори во затвор.

На средбата со странските дописници во Грција, меѓународниот директор на „Доктори без Граници“, презентираше и фотографии од импровизираните кампови на Самос и Лезбос, односно шаторите во кои што се сместени бегалците и мигрантите кои живеат, во како што рече, комплетно нехумани услови, апелирајќи дека е потребно оваа „човечка трагедија веднаш да запре“.

И покрај континуираните префрлања на барателите на азил од островите во други делови на Грција, бројот на бегалци и мигранти на Лезбос, Хиос, Самос, Лерос и Кос и понатаму е екстремно висок. Добрите временски услови се особено „поволни“ за криумчарите, па секојдневно има нови пристигнувања на мигранти.
Од понеделникот, до четвртокот, за само четири дена, според официјалните податоци од грчката Влада пристигнале 1.807 бегалци и мигранти, а само 391 биле пренесени од островите во други делови на земјата. Заклучно со 21 ноември 2019, на грчките острови во источниот дел на Егејското Море престојуваат 38.479 бегалци и мигранти, најголемиот број од нив – 18.163 се на Лезбос, а 15.946 се сместени во кампот Морија, кој има капацитет да прими 2.840 лица.