понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Блуши: Македонското малцинство богатство за Албанија

Блуши: Македонското малцинство богатство за Албанија

Генералниот секретар на Партијата на слободата, Теди Блуши, вчера престојуваше во Пустец, единствената македонска општина во Албанија. Тој оствари средба со претседателот на огранокот на партијата Панди Јани, како и членови и симпатизери.

Во објава на Фејсбук Блуши напиша дека македонското малцинство е богатство за Албанија и оти на средбата разговарале за преземање неопходните мерки за стопирање на депопулацијата на оваа област.

-Македонското малцинство е богатство за Албанија. Партијата на слободата секогаш ќе посветува посебно внимание на тоа, бидејќи како и сите граѓани на Републиката, така и припадниците на ова малцинство ги трпат сериозните последици од лошото владеење на Еди Рама, напиша Блуши.

Додава дека со Панди Јани, еден од најенергичните млади луѓе на Партијата на слободата, споделиле идеи за враќање на сјајот и просперитетот на општина Пустец.

-Да ја запреме депопулацијата на младите луѓе во овој крај, да го зачуваме и промовираме соживотот, вредностите и прекрасното традиции на македонското малцинство, стои во објавата.

И неговиот партиски лидер, Илир Мета, кога беше претседател на Албанија ја посетуваше Мала Преспа и Пустец а Македонците секогаш ги нарекува” прекрасна македонска заедница”.