петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Борел ги кани Вучиќ и Курти на продолжување на дијалогот

Борел ги кани Вучиќ и Курти на продолжување на дијалогот

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти да дојдат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Поканата е испратена во време на зголемени тензии на северот на Косово, поттикнати од одлуката на Приштина да возврати, наместо документи за идентификација и регистарски таблички издадени во Србија, да издава тримесечни „документи за влез-излез“ за српските државјани на Србија, кои доаѓаат на територијата на Косово, а регистарските таблички со српски ги заменуваат со ознаките на косовските градови и ознаките РКС.

Изворите на РСЕ во Брисел предупредуваат дека тензиите се директна последица на „неволјата на лидерите да седнат на маса“ и да го продолжат бриселскиот дијалог. Официјални лица во седиштето на ЕУ посочија дека е планирано да се одржи нова рунда дијалог меѓу лидерите на Србија и Косово пред почетокот на летниот одмор во ЕУ.

Пред стапувањето во сила на одлуките на косовската влада, закажани за 1 август на полноќ, Србите на северот на Косово вчера на 31 јули ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак, а српскиот претседател ги повика властите во Приштина и меѓународната заедница да бидат „разумни“ за да се избегнат конфликти.

По дипломатската интервенција на Вашингтон и повикот на американскиот амбасадор во Приштина, косовската влада најави дека ќе го одложи спроведувањето на одлуките до 1 септември, со услов да се отстранат блокадите. Според извештаите на репортерите на белградските медиуми, барикадите се отстранети денеска во утринските часови, но премините Брњак и Јариње не се отворени, па во Косово може да се влезе само преку преминот Мердаре.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свеќла изјави дека синоќешните настани на северот на Косово се повредени 11 граѓани, а „нелегалните вооружени криминални структури“ оштетиле неколку полициски автомобили и приватни возила.

Директорот на Канцеларијата за Косово на српската Влада, Петар Петковиќ, денеска го обвини косовскиот премиер Албин Курти за „дводневна агонија и криза“, оценувајќи дека тоа покажува „колкава е милитантноста на тој човек и колку е опасен. “.

„Синоќа бевме на работ на сериозни конфликти“, изјави Петковиќ. Тој најави дека српскиот претседател Александар Вучиќ утре ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.