Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ја поздрави одлуката на Владата на Косово да ги одложи мерките за личните карти и регестарските таблички за еден месец.
Борел очекува да бидат отстранети блокадите на патиштата и на граничните премини, а проблемите да се решаваат преку дијалог.
– Отворените прашања треба да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ и да се фокусираат на сеопфатна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што е од суштинско значење за нивната интеграција во ЕУ, напиша Борел на Твитер.
Одлуката за одложување на мерките ја поздрави и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
– Ја поздравуваме одлуката на Косово да го прифати предлогот на Жосеп Борел за едномесечно одложување. ЕУ очекува веднаш да се отстранат сите блокади на патиштата. Борел ги повикува Косово и Србија да се вклучат во дијалог за напредок. Благодарам на американската амбасада во Приштина за силна поддршка, објави на Твитер, Мирослав Лајчак.