Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска ја обвини опозицијата дека ги „политизирала“ двете неодамнешни масовни убиства во Србија со цел да ги нападне претседателот Александар Вучиќ и владата.
По најавата на опозицијата дека во понеделник ќе одржат протест поради ситуацијата во Србија, таа потсети дека слични масовни убиства имало и во други земји, но дека „никој никогаш не го искористил за политичка пресметка и напад на влада“.
„Тоа е незамисливо. Скандалозно и човечки неразбирливо е што велите дека за овие злосторства се виновни Александар Вучиќ и Српската напредна странка. Дали си нормален, како е тој крив? Избрзавте да политизирате и тоа не придонесува за намалување на поларизацијата кај нас“, изјави Брнабиќ за телевизијата Хепи.