Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека денеска ќе почнат консултациите на Српската напредна партија (СНС) за избор на новиот премиер и новата влада на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Консултациите во СНС ќе траат два дена, по што ќе има консултации со другите партии, истакна Брнабиќ, додавајќи оти очекува за седум до осум дена да се знае името на мандатарот за состав на новата Влада на Србија.
Според Брнабиќ Србија сè уште нема влада бидејќи само што е конституиран Парламентот, како и дека тоа што ќе бидат приоритетите и темите на новата влада ќе остане за новиот мандатар.
Таа одговарајќи на новинарски прашања во Лапово за иницијативата „Отворен Балкан“, изјави дека е важно тоа што ќе се изработат идентификациски картички за граѓаните на земјите учеснички во иницијативата – Отворен Балакан ИД картички.
– Тие идентификациски картички ќе служат за преминување на границите без чекање, да можете да работите без никаква работна дозвола и во оваа смисла, сè станува пофлексибилен пазар на труд, што мислам дека многу ќе придонесе за Србија, Албанија и Северна Македонија. Верувам дека само поради ова ќе има дополнителен прилив на инвестиции за овој регион и за овие земји, кои се членки на иницијативата. Се надевам дека и другите ќе се приклучат на иницијативата, рече Брнабиќ.