Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Сочи по средбата со претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека во следните шест месеци Белград ќе го плаќа рускиот гас по иста цена како и досега, 270 долари за 1.000 кубни метри.
По средбата лице в лице и ручекот со рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ изјави дека тоа е „неверојатна цена“ и додаде дека и Србија во тие шест месеци добила зголемување на количината на гас.
Вучиќ изјави дека со Путин разговарал и за долгорочниот договор за набавка на гас, но дека нема право да зборува за елементите додека не се потпише тој документ.
– Можам да кажам само две работи, претседателот Путин рече дека ќе бидеме задоволни. И второ, елементите за кои разговаравме ни кажуваат дека и по тие шест месеци ќе имаме исклучителна цена. И цената и зголемувањето на обемот, додаде Вучиќ.