Четири деца на возраст од три до 14 години загинаа откако потона чамец со бегалци и мигранти, во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, едно лице се води за исчезнато, а 22 се спасени, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, преку „Твитер“ информираше за билансот од несреќата, објави фотографии и истакна дека Турција мора да ги спречи криумчарите.
-Ова е реалноста на експлоатацијата на мигрантите од страна на криминалните банди во Егејското Море. Бескрупулозните криумчари ги ставаат во опасност животите во претоварените непловни гумени чамци кај Хиос. Трагично, и покрај максималните напори на грчката крајбрежна служба, четири деца, сите на возраст од три до 14 години – се потврдени мртви, едно лице се води за исчезнато, 22 се спасени и се згрижени на брегот. Турските власти мора да сторат повеќе за да ја спречат експлоатацијата од криминалните банди. Овие патувања никогаш не смеат да се дозволат, напиша Митаракис.