Грчкиот премиер Алексис Ципрас, како што имаше најавено, синоќа, го отстрани речиси едногодишното ембарго за телевизијата Скај и даде двочасовно интервју во кое на неколку пати се вжешти дискусијата меѓу новинарите и претседателот на владата на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Алексис Ципрас говореше за темите актуелни во внатрешноста на Грција, а гледаноста на интервјуто, според мерењата на Nielsen, објавени во грчките медиуми се движеше од 31,6 отсто до 41,9 отсто.
Грчкиот премиер одговори и на прашањата поврзани со катастрофалниот пожар во Мати во јули минатата година, тема што всушност беше причина да се заладат односите меѓу владејачката СИРИЗА и опозициски ориентираната телевизија, а Ципрас да стави ембарго.
Медиумите во Грција често обвинуваа дека грчката Влада, иако знаела дека постојат жртви, се обидела првично оваа информација да ја скрие од граѓаните.
Грчкиот премиер детално објасни што точно се случувало на 23 јули кога изби пожарот, а тој беше во Мостар на свеченост заедно со премиерот на Македонија, Зоран Заев и други лидери од Балканот. Рече дека веднаш штом дознал за пожарот се качил во владиниот авион за да се врати во Атина, не знаел дали луѓето се евакуирани, дали има жртви и слично, а по слетувањето директно се упатил кон центарот за операции од кадешто се координираше акцијата.
-Признавам дека не знаев дали состанокот е јавен или не, не знаев дека се пренесува во живо, рече Ципрас во однос на почетокот на состанокот кој директно беше пренесуван на телевизија, а не беше воопшто споменато дали има загинати од пожарот.
-Во тој момент единственото што го имав како шпекулација беше дека постоеше веројатност дека еден или двајца можеби ги загубиле животите. Ова го имав како информација што можев да ја добијам од моментот кога излегов од авионот до моментот кога стигнав на состанокот, рече Ципрас и објасни дека претставниците на противпожарната служба и полицијата како и другите присутни на состанокот не му кажале ништо бидејќи „изненадени од присуството на камерата и преносот во живо, се вкочанија“.
Откако камерата си заминала, Ципрас бил известен дека, сепак, бројот на жртвите е поголем.
-Побарав да се свика владина седница и презедов одговорности што не беа во моја надлежност. Ја презедов целата одговорност, рече Ципрас и објасни дека презел одговорности што не се однесуваат на неговата Влада.
Грчкиот премиер, за време на интервјуто упати критики до ТВ Скај, но и до лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис за позицијата што ја заземаа во однос на Договорот од Преспа и на свој, индиректен начин ги поддржаа протестите во Грција за „македонското прашање“.
Алексис Ципрас, како што веќе објави МИА, преку неговиот официјален Твитер профил завчера соопшти дека го отстранува ембаргото за ТВ Скај.
На 25 јули минатата година, само два дена по катастрофалниот пожар во Мати, од кабинетот на грчкиот премиер излегоа со соопштение во кое упатија остри критики до грчката телевизија Скај за објавените информации дека Ципрас планира да ги отстрани началниците на противпожарната служба и полицијата. Тогаш беше ставено ембарго за телевизијата, а речиси една година, ниту еден пратеник или член на СИРИЗА не се појави во информативните емисии на Скај. (МИА)