Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) Панајотис Кондолеон и генералниот секретар на грчката Влада Григорис Димитриадис денеска ги доставија нивните оставки до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ги прифати, а опозициските партии оставките ги поврзуваат со случајот со прислушкувањата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Директорот на службата за разузнавање Кондолеон, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, поднел оставка поради „погрешните постапки во процесот на легалните следења“, а на негово место доаѓа досегашниот генерален секретар во Министерството за надворешни работи Темистоклис Демирис.
Помалку од еден час пред оставката на Кондолеон, оставка си поднесе и генералниот секретар на Владата Димитриадис, кој е внук на Мицотакис и негов близок соработник, а од кабинетот на грчкиот премиер не ги соопштија причините или деталите за оставката.
Извори од Владата за грчките медиуми објасниле дека оставката е поради „токсичната клима создадена околу името на Димитриадис“ и нема никаква врска со софтверот за следење мобилни телефони „Предатор“ со кој не се поврзани ниту тој, ниту Владата.
Лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас вели дека оставката на Димитриадис, „по откривањето на скандалот со прислушкувањата е признавање на вина“ и „не ја негира одговорноста на самиот премиер, туку напротив ја потврдува“.
-Во некој момент, господинот Мицотакис мора да му даде објаснувања на грчкиот народ, рече Ципрас додавајќи дека е прашање што се однесува на демократијата.
Шефот на пратеничката група на ПАСОК- Движење на промена Михалис Катринис, коментирајќи ги денешните оставки, на „Твитер“ напиша дека „од денеска политичките одговорности на премиерот се факт“.
Лидерот на ПАСОК- Движење на промена и европратеник Никос Андрулакис пред десет дена поднесе пријава до Врховниот суд на Грција за обид неговиот мобилен телефон да биде следен со програмата „Предатор“ за што добил известување од надлежната служба на Европскиот Парламент.
Обидот за инсталирање на конкретниот софтвер во мобилниот телефон на Андрулакис бил во септември минатата година во пресрет на изборите за претседател на ПАСОК- Движење.
Кон средината на април, медиумите во Грција, објавија дека со „Предатор“ бил следен и прислушуван и грчкиот новинар Танасис Кукакис, во периодот од 12 јули до 24 септември 2021 година, кога истражувал теми поврзани со перење пари, незаконски банкарски трансакции и корупција.
Мрежата за истражувачко новинарство „Reporters United“, кои веќе неколку месеци истражуваат на тема прислушкувања во Грција и заедно со новинарите од „Inside story“ го открија случајот со следењето на мобилниот телефон на Кукакис, вчера објавија текст во кој ги поврзуваат софтверот „Предатор“ и компаниите што го купиле со грчката Влада и генералниот секретар Димитриадис.
Националната служба за разузнавање на Грција од 2019 година, односно по доаѓањето на Нова демократија на власт во Грција е под надлежност на Владата.