Мерката за задолжителен превентивен карантин од 14 дена за патниците од сите националности кои од било која меѓународна дестинација пристигнуваат во Грција, е продолжена до 31 мај 2020 година, за заштита од пандемијата на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција во соработка со Министерството за здравство и цивилната заштита издаде конкретни упатства за патниците кои авионски пристигнуваат во земјата, а исклучок се транзит летовите, државните летови, здравствените, хуманитарните, воените, карго летовите, како и летовите на Фронтекс.
Со одлуката Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција од минатата седмица, како што веќе објави МИА, до 14 јуни годинава привремено се забранети летовите од и кон Грција од Северна Македонија, Албанија и Турција, а за авионското поврзување со Италија, Шпанија, Велика Британија и Холандија, забраната важи до 31 мај 2020 година.