понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

„Двапати го видоа брат ми и мислеа дека сум јас“ – Дејан повеќе од 40 години го бара братот близнак

„Двапати го видоа брат ми и мислеа дека сум јас“ – Дејан повеќе од 40 години го бара братот близнак

Дејан Барановски од Фекетиќ ги крена на нозе жителите на ова место кога објави своја фотографија на социјалните мрежи и објасни дека го бара својот брат близнак – ни помалку ни повеќе туку 44 години.

Имено, како што вели неговата мајка за Телеграф.рс, на овој чекор се решиле по 20 години неуспешна потрага по член на семејството, за кој веруваат дека им бил одземен уште при раѓањето.

Се започнало во 1978 година во Белград, кога Билјана Барановски предвреме се породила, а близнаците биле сместени во неонаталното одделение. По само три дена семејството добило телеграма на домашна адреса, дека едно новороденче починало. Иако добиле некакви документи, тврдат дека доказ за смртта на детето немало.

– Моите свекор и свекрва дојдоа од Ивањица да го земат детето, но не ни го дадоа. Тогаш бев млада, им верував и сето тоа помина, се боревме второто дете да преживее. По неколку години, кога децата веќе беа во основно училиште, сестра ми работеше во Белград и кај неа дојде едно дете, кое било исто како мој син и го прашала „Дејан, од каде ти тука?“, но кратко потоа по погледот на детето сфатила дека таа му била сосема непозната. Забележала дури дека има и подолг палец од останатите прсти на раката, исто како Дејан, објаснува Билјана, чии болни рани не поминале и по четири децении.

Како што додава, нејзината сестра долго молчела за овој настан, а кога конечно собрала храброст да и каже на Билјана, почувствувала бура од емоции, како цел живот да знаела дека другиот син е некаде. Вели, со години меѓу толпата деца на игралиштата го барала нејзиниот син, но без успех.

– Тогаш на сестра ми и кажав дека цело време имам чувство дека моето дете е живо, постојано гледам во деца на нивна возраст, како да барам друго дете. Кога Дејан требаше да оди во забавиште, татко ми отиде да извади извод од матичната книга на родените и матичарот го прашал зошто, на што тој одговорил дека другото е починато. Но, матичарот му рекол дека таков податок немаат во евиденцијата, вели мајката.

Сомнежот дека го виделе близнакот на Дејан не се појавил само еднаш.

– Вториот пат се сомневаме дека е виден кога веќе беа возрасни момчиња. Синот на сестра ми работеше во продавница во Белград, ги знае моите деца. Влегло момче исто како Дејан, внукот се надевал дека ќе плати со чекови за да ја видиме адресата и да му влеземе во трага, но платил во готово и си заминал, вели таа.

Билјана не губи надеж дека ќе до најде синот. Нејзината единствена цел, како што вели, е да ја дознае вистината, дури и да чека уште една деценија. Смета дека терминот „премногу доцна“ не постои, иако е свесна за секое можно сценарио во случај некогаш да се сретнат.