Оваа година фестивалот Егзит (EXIT) донесе нови 19,7 милиони евра за економијата на Нови Сад и Србија, со што вкупниот придонес на фестивалот од неговото основање до денес е над 220 милиони евра, објавија денеска организаторите на EXIT, пренесе Бета.
Поголемиот економски придонес во однос на претходната година, кога изнесуваше 18,8 милиони евра, е резултат на зголемувањето на неколку клучни параметри, меѓу кои се рекордна потрошувачка и зголемениот број посетители надвор од Србија, покажуваат резултатите од „ТИМ Центар“ од Нови Сад.
За време на фестивалот во Нови Сад и Србија посетителите потрошиле во просек по 549 евра, што е скок од 22 отсто во однос на претходната година, туристите од Западна Европа во просек потрошиле 821 евро, а оние од Источна Европа 720 евра.
Во јули 2022 година низ фестивалските порти поминаа повеќе од 200.000 посетители од 107 земји, а најмногу странски гости доаѓаат од Германија, Велика Британија, Турција, Унгарија и Франција, додека Словенија, Босна и Херцеговина и Хрватска водат во регионот.
Бројот на посетители од несрпска националност сочинува 65,4 отсто од овогодинешната публика, што, според организаторите на фестивалот, е нов рекорд од неговото основање.
Фестивалот, како што покажа истражувањето, го посетуваат повеќе фанови од Западна Европа (21 отсто) отколку од Источна (12,5 отсто), традиционално висок е бројот на посетители од регионот (24 отсто), 7,8 отсто од посетителите се од други континенти, а сместување платиле 71,5 отсто од испитаниците.
Кај испитаниците годинава повеќе од 50 отсто биле нови посетители на фестивалот, а меѓу нив 38 отсто биле од Србија.